1. Skip to Menu
  2. Skip to Content
  3. Skip to Footer

Искажувања

Апсолутниот почеток на Оливера Николова, Зоки Поки (1963 г.), е текст-меѓник во македонската литература за деца. Без оглед од која позиција се набљудува Зоки Поки -  дали за него се искажува реакција на појавата на првата книга од оваа авторка, или од денешна дистанца се свртуваме кон него, оценките се еднодушни дека е тоа несомнена иновација во македонската литература за деца. Зоки Поки наметна еден нов јазик, духовит и природен, еден јазик со кој светот се набљудува од  детските височини, а не јазик со кој божем се спушта до детето. Овој текст, пред с#, го почитува детето. Иновантен е по односот кон детето како лик на рамниште на дискурсот, но истовремено, со таквиот третман го искажува и изменетиот однос кон детето-читател.(...) Зоки Покие прекрасен текст за растењето. Зоки Покие текст за универзалните, за општите места на детството кои детската психологија с# повеќе и посигурно ги разгатнува. Но кај Оливера Николова нема општи места од литературен аспект, па тој спој на препознатливи мотиви со оригиналните авторски решенија го прави овој текст исклучителен и неодминлив во македонската литература за деца. Оливера Николова го инкорпорира и фантастичното и чудесното во своите текстови, таа ги применува игрите со зборови како најсоодветен креативен принцип, толку соодветен за сознавањето, за растењето... (...) Нејзиното творештво е богато и разновидно. И синхронично, и апостериори, тоа е високо рангирано. Преведувано е на странски јазици и наградувано со награди во земјава и во странство.

                                                (Јадранка Владова)

(...)Ретки се такви книги како Приказните за Зоки Поки. Би сакале да имаме што повеќе слични автентични остварувања, кои, како во овој случај, одеднаш би н# освоиле со вистината за своите превасходни рафинирани особености што се паметат и кои со многу нешта н# уверуваат во сувереноста на писателовата творечка егзистенција, во творечката самобитност на овој наш детски писател. Приказните за Зоки Поки се исклучителен настан за македонската детска литература. Тоа е една чиста, крепка, артистички зрела и самобитна детска проза.

                                              (Миодраг Друговац)

Речиси секоја нејзина книга е пишувана поинаку, во секоја има по зрнце на нешто ново, пред се нови се темите и формите, а интересни се и нејзините барања. Дали е тоа само немир или сомневање, се потврдила ли во својот начин или ја пронашла вистинската форма во која адекватно би го изразила светот?

                                             (Мурис Идризовиќ)

Со својата прва книга за возрасни, расказите Ден за летување (1964), О.Н. суверено навлегува во нашата современа литература. Тоа овде уште значи суверено и неприкосновено... ако се рече за неа дека е еден изразит раскажувач кој кон своето раскажување има интраоргански однос, автор во чија проза се согледува една лична и животна инспирација и за кој може да се рече дека  имал што да раскажува пред да почне да раскажува. (...) Успехот треба секако да се бара во хетерогеноста и разностраноста на ракурсите од кои таа ја набљудува жената...

                                        (Ѓорѓи Старделов)

Секојдневието е секако суштествената средина на дејствието на оваа книга раскази (Ден за летување,1964, н.з.). Основниот тон нејзин: незадоволството со неговото сивило, со плитката вода на неговите пловидби, со ситните дамки на неговите мали пакости кои го заматуваат прозорецот на животот.

                                       (Влада Урошевиќ)

Пријателите Бон и Бона ( 1975) е шеста книга за деца од перото на Оливера Николова. Од нејзината прва книга “Зоки Поки” до оваа, трае и вертикално се искачува една автохтона проза за деца... Карактеристиката дадена за нејзиното дело со кое дебитираше во литературата: дека нејзината проза се одликува со голема динамичност, хумор и извонредна игра на духот, егзистентна е и во сите нејзини подоцнежни книги, па и во оваа. (...) Оваа книга роман-приказна, побудува еднакво интересирање и кај возрасните, и кај децата. Мошне инвентивно компонирана, со мноштво оригинални опсервации, таа е антиконвенционална, зашто е ослободена од стандардни и стереотипни кажувања, зашто е плод на една богата креативна имагинација. Необично свежа според својата содржина, книгата Пријателите Бон и Бона уште еднаш ги потврдува и осведочува чудесните светови на О.Н.... Како и сите други досега објавени дела и оваа се одликува со исклучителна ритмичка возбудливост, необичен еластицитет во градењето на прозата, со раскошен емоционален и модерен сензибилитет. Затоа, оваа книга на О.Н. стои на самиот врв на современото македонско творештво за деца.

                                (Ѓорѓи Арсовски)

Мојот звук ( 1977г.), најновата прозна книга на Оливера Николова, уште еднаш ја потврдува нејзината судбинска приврзаност за светот на детството. Овојпат, како тема О.Н. го обработува најпреломното раздобје од човековиот живот, кога детето излегува од опсенот на детството накитено со соништа и имагинативни преживелици и зачекорува во вистинските рамки на реалното секојдневие. (...) Авторот овде настојувал да ги одбегне умешноста, рутината и артизмот во изнесувањето на ситуациите. (...) Во оваа проза вистинскиот блесок на талентот на О.Н. во однос на нејзиниот континуиран летопис на детската душа, доаѓа до полн израз во поглавјето “Микроскоп”, што несомнено претставува антологиски момент во современата македонска проза за деца.

                                                      (Ташко Ширилов)

Како ретко кој од авторите за младите и најмладите, Оливера Николова покажува перманентна креативна страст и љубопитство за изненада, за барање нов простор на својата вокација... Настојувањето за барање современи патишта на прозата за деца, се потврдува и по прочитувањето на, по обем не многу долгиот, но по истражувачката и творечка страст, слоевит и модерно доживеан романсиерски текст Мојот звук (1977). (...) Николова во своето најново дело трага по психолошките разгатки на детската личност што е на работ на момчештвото... Како успешно и целовито посегање и понирање во дел од тајните на детската психа и интима, на она што го опкружува и одликува сензибилитетот што буи, за кого дилемата и разврската ги имаат правилата на играта, искреноста и смерната возбуда,  ова дело открива простор за една нова преокупација во нашето прозно творештво за деца. (...) Со еден  збор, Мојот звук се нуди како вреден резултат во современите препознавања на нашата прозна белетристика за деца.

                                                (Тодор Чаловски)

Патот од Зоки Поки(1963) до Лева комора (2008), најновата збирка раскази за возрасни, е вистински врвулешник од наслови, замисли, експерименти, прозни истражувања и ликови, речиси математички докази за постоење само на едно, единствено време -  книжевното! На него се надоврзуваат наслов по наслов, речиси секоја година, напати и почесто! По големиот успех на Зоки Поки (култната книга во современата македонска книжевност, преведена на 9 јазици: српски, романски, украински, чешки, италијански, словенечки, турски, албански и германски), следуваат уште 18 книги за деца (главно романи), и 6 романи за возрасни, книга раскази, книга драмски текстови, две сликовници, театарски и ТВ игри за деца и за возрасни. Николова е повеќекратен добитник на значајни книжевни награди за своите дела: наградата на РТВ Скопје и Струшките вечери на поезијата ја има добиено три пати, во 1966 за “Земја во која не се стигнува”, во 1975 за “Пријателите Бон и Бона” и во 1978 за “Мојот звук” (романов е добитник и на наградата “Младо поколење” во истата година), престижната Змаева награда во 1983 година за постигања во современиот израз на литературата за деца. Во литературата за возрасни, Николова ги има добиено речиси сите најзначајни национални награди за своите романи: “Стале Попов” на ДПМ за “Тесна врата” во 1983, Рациновото признание за “Адамовото ребро” во 2000, Роман на годината на “Утрински весник” за “Куклите на Росица” во 2004 г.

                                (Оливера Ќорвезироска)

Романот Тесна врата (1983 г.) од Оливера Николова се наметнува со неколку свои елементи кои го чинат особен во нашата прозна продукција (за возрасни, н.з.): пред с# според самата своја конструктивна постапка, во рамките на тоа и според начинот на кој се сугерира основната тема -  односот меѓу религијата и атеизмот, контграпунктирани, во еден драмски набој, кој успешно го одбегнува црно-белото сликање а со тоа и наметнување на каква било тезисност која би произлегувала од него. Во романот разликуваме три аспекти или три нивоа кои овозможуваат комплексно развивање на основната тема или идеја: спротивставувањето на верата или атеизмот (или комунизмот во потесна смисла со оглед профилот на главната личност, Петра), потоа ширењето на овој сооднос во смисла на настојувањето човекот да се согледа во една комплексна проекција дури и во рамките на самата религиозна свест која се појавува низ повеќе облици, и трето, повеќето филозофски, психолошки, историски, морални сегменти, кои адекватно се вградуваат во прозната структура. Што се однесува до основниот аспект, авторот на Тесна врата максимално ги изострува спротивставените сфаќања, смело рушејќи некои конвенции или “табу” теми, преиспитувајќи го и ставајќи го под прашање секое “тврдење” и на атеизмот, и на религијата, во едно грчевито себеиспитување на личностите, често низ една пречистена, вибрантна реченица!

                                (Данило Коцевски)

Во романот “Тесна  врата” (1983), податокот е мошне умешно уметнички трансформиран. Тој е презентиран пластично, ненаметливо, искрено. Со цел да оствари пожива комуникација со читателот, реалитетот и животната појавност, Оливера Николова ги преведува и ги претвора во ирационални слики, блиски на нашето поимање на животот... Притоа, користејќи мноштво документи, проучувајќи и консултирајќи литература која се занимава со прашањето на религијата, О. Н. гради автентични и полнокрвни ликови. (...) Стилот и јазикот кренати до едно совршенство што подразбира големо искуство зад себе, иако е ова деби на Оливера Николова во доменот на романот за возрасни... Остава впечаток присуството на мозаичност и на монтажа на слики и настани од реалниот живот. Но, за разлика од мноштво дела во нашата литература, (...) таа своја цел Николова ја остварува на завидно ниво преку богатството на описот, на консултираните документи, и особено, со вешто и ненасилено водење на дијалозите. Романот Тесна врата по својата невообичаена мотивика и по слојноста на структурата повеќестрано го предизвикува вниманието на критиката.

                                      (Раде Силјан)

Тромбот ( 1997 г.) е обемен роман-фреска на еден можен свет во кој сите сме живееле, учествувајќи во него, насетувајќи дека постои или, пак, воопшто не знаејќи дека е сегде околу нас. Роман за деструктивната сила на едно постоење, зачната како невина снежна топка, а потем стркалана како лавина која уништува с# пред себе (како тромб што расте, расте... за да се откачи од “крвната улица” и да усмрти, божем ненадејно). Фудбалот е милје во кое се одвива една застрашувачка животна приказна со недоброј учесници од кои секој одделно е тиранин и жртва. Ликовите го сподвижуваат тркалото на смртта, без да бидат свесни дека тоа на крајот ќе помине и преку нив... (...)Тромбот, во романот Тромбот е вистинскиот главен лик кој го контролира движењето на светот, оттаму и движењето на болката (мездрето од роговите за Огнен и за татко му Борис), на успехот (Огнен наспроти тренерот Нико Илиевски), на љубовта (Елена, Смилка), на страдањето (сите заедно и секој одделно)... Трите часа и шесте минути пред смртта на Огнен Герасимовски се универзализирани и објективизирани на цели 316 страници на кои на проблемот му е пристапено од сите постојни (но и од сите можни) агли на гледање.

(...) Романот Тромбот, но и тромбот како медицина, може да биде  симбол на една можна закана за сите нас. Тој е литерарна верзија на еден општ, загаден крвоток на неминовноста. Распаѓање на животите на поединците, но и на животот на заедницата. А, за да пишува за сето тоа, писателот треба да “истражува”, да “научи”, да се подготви. Оливера Николова, како што беспрекорно раскажува, беспрекорно и се подготвува, така и толку, што да помислите дека живеела живот на фудбалер, но и живот на лекар, живот на секој свој роман одделно. Тоа е таа типична “подготовка за роман” чијшто вистински мајстор е Николова... За Николова е предизвик да пишува за нешто што не знае, сепак, по направената подготовка за роман, таа раскажува апсолутно знаејќи го тоа со што се зафатила.

                                (Оливера Ќорвезироска)

Во романот Адамовото ребро (2000 г.) постои една супер-стандардна жена која пишува роман. Таа го пишува романот ставајќи многу од себеси во главниот лик на истиот роман. (...) Кратко речено, романот Адамовото ребро ни открива еден страшен и сладок парадокс на срцето истовремено, кој вели дека страдањето е неговата сласт, а сласта е -  страдање (...) затоа што “љубовта е почва на контрадикторности” (92); затоа што на секоја жена (или на жената воопшто) “&  треба првин да се сака себеси за да може да сака други” (398). Така се доаѓа до парадоксот: независна зависност или -  “зависност” која “ме прави целосна”, како што открива најпосле адвокатот-писател.

Еве што треба да се рече за прозата на Оливера: таа ги познава до детали, како никој друг во нашата литература, сите скришни, козји патеки, крстопати и беспатици по кои трча, папсува и паѓа кревкото и кораво женско срце. (...) Никој во нашата литература не напишал толку сурови и нежни страници истовремено за тоа срце.

                                (Атанас Вангелов)

Темата на борбата на половите овде (во Адамовото ребро, 2000, н.з.) уште на самиот почеток   е придружена на темата на љубовта, та и натаму, во фалтите на автореференцијалната романескна структура тие воздејствено се развиваат. Во овој  значенски контекст е остварена и рамковната романескна метафора позајмена од светот на природата: борбата на белата и црна вошка во овоштарникот на Д. (...) Потрагата на современата писателка по сопственото авторско писмо уште на самиот почеток е поставена како активно преиспитување на нејзината позиција во однос на љубовта. Приказната за приказната за несреќните љубовни избори на Тинка од почетокот на 20 век, се одвива сукцесивно со разоткривањето на сите “огради” што современата и еманципирана правничка/писателка ги има поставено помеѓу себе и другиот -  на заодот од истото столетие. Конечно, она што навистина беспоштедно се преиспитува е еманципираната позиција на писателката, нејзината слобода од припаѓање, од зависност, од патетика, при што нејзината писателска умешност на вживување во фиктивните ликови и стории мошне вешто се изедначува со нејзината животна умешност на преземање различни улоги во сопствениот живот. Прелевањето на податоците од стварноста и фикцијата само навидум се чини дека е во функција на процесот на писателското создавање. Тоа еднакво е во функција на разоткривање на фикционализацијата на стварноста на современата писателка и на нејзиното бегство во разни улоги.

                                (Наташа Аврамовска)

Адамовото ребро е роман за жената и за љубовта, роман за криенката меѓу сакањето и поседувањето, нов начин на проверка, преиспитување на чувствата кои не водат никаде, но и на оние кои водат мошне далеку. (...) Читателот има ретка можност да ги чита размислите на еден писател по одделни прашања, а потоа и начинот на кој тие се вообличиле во литература. Приказната во приказна, т.е. романот во роман, се занимава со проблемот на творештвото како неделив дел од проблемот на постоењето. (...) Леснотијата со која се поставени правилата за комуникација меѓу двата раскажувачки слоја на романот, по којзнае кој пат ни потврдува дека Оливера Николова, иако е релативно испишан автор, с# уште има што да ни каже. Таа напишала квалитетен роман без никаков замор, со задоволство. Адамовото ребро е широк пат со повеќе ленти чијашто единствена цел е да го превезе патникот до љубовта.

                                (Оливера Ќорвезироска)

Една голема листа на прашања се испречила пред Оливера Николова, откако почнала нејзината потрага по личноста на Ибн Пајко (во романот Вежби за Ибн Пајко, 2001 г. н.з.). Не можејќи да открие некои релевантни податоци за неа, творечкото сомневање ја поттикнало да размислува за веројатните истории поврзани со неа. Од тоа произлегла замислата за овој роман, како и неговата впечатлива композиција.

Нејзиниот креативен приод, во случајов, кон оваа историска личност, покажува резултат кој ќе го освои, веруваме, вниманието и на книжевната јавност, и на широката читателска публика. Тој приод се карактеризира, од една страна, со мошне солидно засновање на фабулите врз одредени историски параметри, а од друга - со едно мошне творечко испитување на можните биографски податоци за Ибн Пајко, како и за другите личности кои се појавуваат во романов. Со чувство на еден модерен раскажувач, О. Н. го компонира романот како одговор на бројните прашања околу животот на Ибн Пајко. (...) Така имаме раскажување кое е во голема мера збиено, во кое се избегнати нефункционални асоцијации, па со самото тоа драмското јадро делува мошне цврсто, што на самото кажување му дава уверливост.

                                (Благоја Иванов)

Се што се случува во овој троен роман, како што го нарекува Оливера Николова ( романот Вежби за Ибн Пајко, 2001, н.з.), се случува пред пет-шест века во Скопје, но и сега истовремено, па според тоа -  и она што ги мачи и како ги мачи сите тие луѓе од пред пет-шест века. За првото работи тоа што стручно се именува како културен код; за второто еден -  симболички. Првото мора да се гледа добро и да не пречи, затоа што се прави со блага архаизација и стилизација, а пак второто мора добро да се скрива, за да не се изроди во бајата педагогија. Поинаку речено: првото е дух, навика и стил на едно време од пред пет-шест века, а второто се -  филозофеми. Првото е текстот во целост, а второто неговиот мотор.

(...) Има многу нешта во овој роман на Оливера Николова за кои треба да се зборува. Премногу би било. Ќе речам само уште ова: нејзините жени (и мажи) се многу подлабоки отколку што изгледаат на прв поглед. Бездни. Така може да пишува само мајстор кој добро ги познава и ги разоткрива разните страни на љубовта.

                        (Атанас Вангелов)

Во романот Куклите на Росица (2004г.) историските факти и личности се осветлени со естетско етичко кредо и литературна имагинација на авторката. (...) Хероите се живи, читателот ги гледа, ги слуша, речиси ги препознава по лексиката и темпераментот, а со нив ја осознава и сликата на тоа метежно време, тој сегмент од драматичната историја и величественоста на сонот за слобода. Романот Куклите на Росица е богат со документарно-историски факти, но и со психолошки набој близок на поетскиот реализам. Во него читателот ќе најде и хиперреалистички детали и метафорички резонанси. Има во него антологиски страници -  како закопот на Ѓорѓија Пулески (стр. 150-155), или онаа возвишена трогателна сцена кога Росица му го донесува на Андона тајниот список на идните четници (стр. 17о-178). Женската природа, женските пориви и фатализмот на немата Росица, се чини, досега никој толку пластично, а недоречено, толку едноставно, а колоритно, толку спонтано и ненаметливо, а естетски супериорно -  не ги оживеал во македонската проза.

                                (Томе Арсовски)

Куклите на Росица (2004 г. н.з.) е своевиден историски роман во кој се тематизирани македонските состојби во последните две децении од 19 век од перспективата на немата Роса, односно Росица. Последнава формулација ја посочува доминантната раскажувачка перспектива, додека измената на објективниот раскажувачки план (речникот на календарските години: 1879, 1889, 1899) и субјективниот план на раскажувањето, би можела да биде предмет на едно подетално проследување на структурата на романот.

(...) Идеолошката вкрстеност на писмото и историјата / историографијата е значенското пресечиште врз кое Оливера Николова ја распредува женската историографска повест. Телото, текстот и траумата -  се трите значенски јадра што го дефинираат тотализирачкиот романескен план во диегетскиот универзум на Николова. Оттука произлегува и неговиот битно автореференцијален аспект. Имено, романите на Николова -  и при нивниот историографски испис -  се воедно и поглед кон женското писмо, негова автотематизација. Меѓутоа, утврдувањето на автореференцијалните аспекти на романескниот свет на оваа авторка допрва отвора простор за исчитување на вкрстеноста на нивните аспекти на историографското и љубописот.

                                (Наташа Аврамовска)

Куклите на Росица (2004) е креативно замислен и во раскажувачка смисла одлично поставен роман. Целата идеја, втемелена во строго и суптилно одбраната метафора штедро да се раскажува за едно бурно време преку молкот на главниот лик... фрла бележита светлина на романот уште на самиот почеток. За да бидат нештата уште поискристализирани и уште покреативно решени, Росица својот концентриран и заситен молк продолжува да го трансформира во кукли од партали кои претставуваат нејзина вистинска, единствена и целоживотна страст, одговор за настаните, за чувствата, за времето, за самата себеси... Дури и да не биле куклите, раскажувачката стратегија да се следи продорниот глас на едно време преку молкот на главниот јунак би била одлична референца за роман.

(...) Николова во минуциозна научничка предаденост ја спровира фикцијата... (...) не само скицирајќи ги, ами и ликовно обработувајќи ги личностите...(...) Росица е автентична и до тој степен раскажувачки “обработена” и изнијансирана, што стамено се приближува кон најзначајните креации на женските ликови во поновата литература. Препознатливата “лирска рака” на Николова и овојпат испишува чудесни љубовни страници во кои вистинската возбуда само се навестува, но на толку маестрален начин што читателот дури би можел да посведочи дека го видел она што не се случува во романот. Редок роман, прецизна кота во македонската литература.

                         (Оливера Ќорвезироска)

Книгата Лева Комора (2008 г.) несомнено е пример на врвното женско писмо, ама од оној тип на кој не му треба никакво адвокатување/ или теоретизирање. Тоа, просто, само умее да се избори за себе!

Оваа книга децидно ја маркира -  најпрвин -  начинот на кој таа ја воспоставува својата квазимистична, молчалива, лирска и нагласено симболичка комуникација со читателите. Наспроти елиптичноста на своите “мали анти-приказни” (раскази кои воопшто не ги следат фабуларските конвенции за “силниот почеток” и “јасен крај”), оваа книга просто не се испушта од рака. Поминувајќи ни низ левата комора, бездруго!

Таа изненадува и со својата концизност, отворена и фрагментарна структура, минимализмот на своите фабуларни нишки, богатството на мотивите што нив ги поттикнуваат...Интересот на Николова за архетипското (заумното, митското, антрополошкото...) чинам, никогаш не бил експлицитен колку во овие чудни, семиотички мошне провокативни можеби-раскази, меѓусебно сврзани не преку своите приказни, туку преку таканаречената централна свест што нив ги евоцира, асоцијативно и (навидум) несистематично...

                                (Елена Лужина)

Кратката збирка раскази Лева комора (2008) на Оливера Николова е меѓу најдобрите збирки раскази што се појавиле на македонски изминативе дваесетина години. Иако оценкава звучи прилично форсирано и  можеби претенциозно, цврсто стојам зад неа и ќе се обидам накусо да ги објаснам причините за мојата фасцинираност од скромната по обем, но мошне набиена и слоевита по значењата, прозна збирка на нашата еминентна писателка.

Првата причина зошто сметам дека станува збор за врвна литература е нејзината збиеност, стегнатост, една речиси поетска прегнантност, но која суштински е непретенциозна. Одмереноста и суптилноста на изразот на Николова го достигнуваат нивото на една згусната елеганција (она што македонската проза многу ретко го постигнува оти е главно епски раздрдорена и главно мошне дескриптивна -  што важи дури и за повеќето прозни книги на самата Николова!)... Елеганцијата на прозниот израз на Николова има и дионизиска, хтонска димензија: едноставна во првичниот слој, смирена и минималистичка, во своите на прв поглед редуцирани шари, таа проза-школка крие океански (женски) длабочини.

Доаѓам до втората важна причина зошто сметам дека книгава е настан за македонската литература: (...) Лева комора не само што е одлична литература, туку е и снажно нагласена химна на женскоста, нешто што очајнички недостасува во патријархалната и во многу нешта анахрона македонска проза. Но, кога зборуваме за женскоста и женственоста на прозата на Николова, важно е да се нагласи дека таа, всушност, на извонреден начин ги помирува двата клучни, а толку различни, принципи на западната цивилизација: аполонискиот и дионизискиот. Тоа е третата причина зошто ја сметам оваа прозна збирка за исклучителна.

                                (Никола Гелевски)

„Кадифеаната покривка“ е провокативна, храбра, неверојатно возбудлива, преку сите граници „заиграна“, маестрално испишана и „чудно“/необично структурирана проза на која, во жанровска смисла, најдобро би ѝ прилегал непостоентеориски квалификатив „роман-ин-прогрес“.Умберто Еко би рекол: отворено дело. Македонската книжевност сѐ уште не произвела проза од ваков радикален вид,проза чијшто супериорен книжевен наратив успева постојано да се поигрува токму со најважното: со онаа проколната и темелна естетичка дропка fiction/faction.Во овој „отворен роман“ најмалку е релевантна неговата „фактичност“ која ја застапуваат главните личности: осум историски и јуридички автентични „жени-убијКи“ кои живееле и убивале помеѓу 17 и 21 век. Единственото релевантно во и за „ековската приказна“ на оваа книга е нејзиниот „фикционалитет“, заблазнувачката имагинација на нејзината писателка која го создаде ова зашеметувачко КНИЖЕВНО УМЕТНИЧКО ДЕЛО. Оливера Николова, авторка на дваесетина книги, добитничка на редица најугледни книжевни награди, госпоѓа во најдобрите години, жена со интегритет, писателка од име и од маштаб, и со оваа книга го потврдува својот саморазбирлив статус:La Grande Dame  на македонската литература.   

(жирито за наградата „Стале Попов“ за 2015 г. - Елена Лужина, Блаже Миневски и Иван Чаповски)